Обвиненијата што ги поднесе Специјалното обвинителство на 29 јуни годинава, на последниот ден од рокот за поднесување, се доставени до обвинетите, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев.
Се работи за 94 обвиненија против физички и за 7 обвиненија против правни лица, кои се доставувани на над 70 адреси. На прашање зошто на судската достава ѝ требаше цело лето да ги врачи обвиненијата од СЈО, Рибарев вели дека тоа е поради фактот што СЈО ги поднесе до Кривичниот суд непосредно пред летните одмори во судството, но и поради тоа што некои од адвокатите и обвинетите одбивале обвиненијата да ги примат.
Допрва следуваат приговорите против обвиненијата и жалбените постапки, па оценка, по што со нова распределба, ќе бидат распределени кај судечки судии, кои веднаш треба да закажат почетни судски рочишта по сите 17 обвиненија. Дел се за кривични дела од организиран криминал, дел за „редовен“, обичен криминал.
Сите барања за притвор и мерки за забрана за вршење на дејности, за да не ги повторат обвинетите кривичните дела, Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје ги одбија, освен за главните обвинети за нелегалното прислушување Горан Грујевски и Никола Бошковски од предметите „Тврдина“ и „Таргет“.
Скопска апелација им одреди притвор од по 30 дена, но направи исклучок, не одлучи да бидат притворени веднаш како сите досегашни обвинети со изречена најстрога мерка. Ги поучи првин да се жалат до Врховниот суд и додека патуваа предметот и жалбите меѓу двата суда, кои се еден до друг, на оддалеченост од едвај 15 метри, Грујевски и Бошковски избегаа. Врховниот суд ја потврди одлуката за притвор, но полицијата не ги најде дома двајцата обвинети за да ги однесе во затворот во Шутка.
Меѓународната потерница за нивно наоѓање и спроведување во притвор и натаму е во сила, но од Грујевски и од Бошковски нема трага.
С. К. ДЕЛЕВСКА