Претседателот Стево Пендаровски ги одликуваше со орденот „8 Септември“ спортистите Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски, по повод Денот на независноста.
На свеченоста, Пендаровски кажа дека меѓу ретките херои на македонската независност се и спортистите кои со своите успеси нè поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени.
„Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес сам по себе не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели“, кажа Пендаровски.
Стрелачката Наковска-Бикова е носител на златен медал од параолипијадата во Лондон 2012, стрелачот Јовановски освои злато на параолимпијадата во Барселона 1992, Трстена стана олимписки шампион во борење на олимпијадата во Лос Анџелес 1984 и Георгиевски освои сребро во теквондо на последната олимпијада во Токио.
„Јас сум еден од оние спортисти кои освоиле многу признанија на пет континенти, ама ова е нешто посебно. Знаете зошто, затоа што ова признание е од мојата татковина, од мојот народ кој се радувал со моите успеси. Затоа ова признание ќе биде посебно во мојата спортска душа. Затоа и сум горд што дадов се од себе, 20 години, да се борат со најелитните спортисти од најголемите држави и покажав дека и една мала држава може да ги победи и големите држави како Америка, Русија и Кина. Нека ни е среќна нашата независна држава“, рече Трстена.
Централната прослава на Денот на независноста ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко” од 19:30 часот.