Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три физички и едно правно лице за кривичното дело Загрозување на животната средина и природа со отпад од член 230 од Кривичниот законик. Обвинението е поврзано со пожарот што избувна на дива депонија во Визбегово на 9 јули минатата година.
„Во периодот од 28.02.2025 до 09.07.2025 обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанци кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на катастарска парцела во Визбегово, на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопшти Обвинителството.
Поради обемот и опасноста пожарот не можеше да се стави под контрола долго време, при што согорел дел од непрописно складираниот отпад. Тоа предизвика и значително загадување на воздухот, што го потврдија мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ.
„Крајната последица од незаконитите дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето. Со истрагата е утврдена одговорност на една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која со умисла заедно со второобвинетиот, кој учествувал со особен придонес во работата на правното лице, ги преземале незаконитите дејствија. Обвинение за дејствија од чл. 230 е поднесено против уште една сопственичка на друштвото и парцелата која не била свесна за можноста за настапување штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство, била должна и можела да биде свесна за таа можност“, кажа ОЈО.
Депонијата беше на два километри воздушна линија од центарот на Скопје, па по избувнувањето на пожарот голем и густ црн чад се гледаше во целиот град.
- ОД ПОЖАРОТ ВО ВИЗБЕГОВО ЗАГРОЗЕНИ КУЌИТЕ БЛИЗУ ДИВАТА ДЕПОНИЈА, АКО ТРЕБА ЌЕ СЕ ЕВАКУИРААТ ЖИТЕЛИТЕ, РЕЧЕ ЦУК
- ПРИВЕДЕН СОПСТВЕНИКОТ НА ОТПАДОТ ЗА СТАРО ЖЕЛЕЗО КАДЕ ИЗБИ ПОЖАРОТ ВО ВИЗБЕГОВО, ЕДЕН ПОВРЕДЕН
- ПОЖАРИ КАКО ВО ОТПАДОТ ЗА ЖЕЛЕЗО ВО ВИЗБЕГОВО СЕ МНОГУ ОПАСНИ ПОРАДИ ВИСОКИТЕ КОНЦЕНТРАЦИИ ОТРОВНИ И КАНЦЕРОГЕНИ КОМПОНЕНТИ, ВЕЛИ РЕКТОРОТ МИРАКОВСКИ ОД ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
