ПОЛИТИЧАРИТЕ МОРА ДА ЈА НАМАЛАТ ШТЕТНАТА РЕТОРИКА, ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ СЕ ТЕСТ ЗА ТОА, КАЖАА НА ДИСКУСИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО

    ПОЛИТИЧАРИТЕ МОРА ДА ЈА НАМАЛАТ ШТЕТНАТА РЕТОРИКА, ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ СЕ ТЕСТ ЗА ТОА, КАЖАА НА ДИСКУСИЈАТА ВО СОБРАНИЕТОПолитичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази, рекоа присутните.(Фото: ИКС)

    Политичарите мораат да ја намалат штетната реторика која е присутна и пренесувана во медиумите, кажаа на денешната презентација на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС) пред пратениците, која ја организираше Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието.

    Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази. Но, при деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на телевизиите и во онлајн медиумите се покажува дека обратното.

    „Денешната дискусија е повик за одговорност посебно кога се приближуваме до нов изборен циклус, локалните избори“, рече Бојан Георгиевски, член на истражувачкиот тим на ИКС.

    Според него, новото во оваа тема е што овие наративи сега, за разлика од порано, се шират побрзо, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми, и се потешко се препознаваат, како за граѓаните, така и за институциите.

    Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детално ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери а тоа се поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање на факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.

    Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери, истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а пред сè политичка основа.

    Пратеничката Весна Бендевска рече дека сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.

    „Штетните наративи кои постојат во политичката комуникација низ годините ги гледам како Гордиев јазол. Мене ме фрапираа резултатите зашто не знам дали сме свесни што предизвикуваме со нашите говори кога ќе излеземе на говорница, а медиумите како трансмитери тоа го пренесуваат. Ако не седнеме да разговараме како да ги спречиме штетните наративи, ништо не сме направиле. Мора да се вклучиме во спречување на говорот на омраза“, рече Бендевска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира