Во соработка со германската полиција и царина, кои на аеродромот во Франкфурт откриле пратка дрога со коверт на кој имало адреса на скопјанка на улицата „Рузвелтова“, полицијата оставила нарачката да стаса до адресата на купувачката и на место ја уапсиле со дрогата.
Всушност, полицијата ја примила пратката од германските колеги и само дозволила да дојде до купувачката, за да ја уапси на лице место со дрогата.
Пратката содржела амфетамини и тегли со марихуана, кои биле купени преку интернет платформата ДаркНет, со криптовалути. ДаркНет е дел од интернет на кој не може да се пристапи со обични пребарувачи, ниту пак може да се пребарува со Гугл или Бинг. ДаркНет се користи за поголема безбедност и приватност онлајн, како и за заобиколување на цензура од легитимни причини, но и за нелегални цели. На онлајн маркетите на ДаркНет за дрога и оружје најчесто се плаќа со криптовалутите биткоин и монеро.
Осомничената 37-годишна скопјанка и осомничениот 29-годишен скопјанец, кои живееле во вонбрачна заедница, во домот во кој престојувале на улицата „Рузвелтова“, континуирано во повеќе наврати набавувале синтетичка дрога амфетамин, користејќи ја интернет платформата „ДаркНет“, преку креиран профил и користејќи криптовалути како платежно средство. Дрогата ја набавувале од непознати лица од Германија, а им била доставувана преку поштенски пратки, открива Скопското јавно обвинителство.
„На аеродромот во Франкфурт, Германија, царински службеници заплениле поштенска пратка – хартиено плико на кое како примател била назначена осомничената. Пратката содржела амфетамин, па по воспоставена меѓународна соработка, поштенската пратка била испратена до пошта во Скопје на 09.09.2022 година. На осомничената ѝ била доставена на домашна адреса. На 15 септември полициски службеници извршиле претрес во домот и пронашле амфетамин со нето маса од 82 грама, како и две тегли со наркотична дрога марихуана. При претрес кај осомничениот, пак, пронајденa е уште една полиетиленска ќесичка со марихуана и една метална дробилка со остатоци од марихуана“, вели ОЈО Скопје.
Обвинителот на случајот донел наредба за спроведување истражна постапка против две лица за основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Тој до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничената, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. За осомничениот биле предложени мерки на претпазливост.
С. К. ДЕЛЕВСКА