При полициска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици се утврдени 42 сообраќајни прекршоци, а откриен е и еден превозник кој возел без лиценца, соопшти Министерството за внатрешни работи. Дополнително, на вонреден технички преглед се упатени три возила.
„Во текот на вчерашниот ден (03.03.2023) во периодот од 12.00 до 16.00 часот на територијата на Република Северна Македонија спроведена е акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици, за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома. При контролата констатирано е едно кривично дело по член 284-а од Кривичниот законик поради возење без лиценца и 42 сообраќајни прекршоци“, се вели во соопштението.
Од МВР додаваат дека сообраќајните контроли за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома продолжуваат и во наредните денови.