Поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината. Јазикот мораме да го заштитиме со доследно почитување на уставната норма, но и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечената академија за 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во МАНУ.
„Сведоци сме на намалување на користење на јазикот во службена употреба во државата. Во право беше Петре М. Андреевски кога предупреди дека јазикот може да биде загрозен и од неговите говорители, потенцирајќи дека независно дали тоа се прави од незнаење или од негрижа. Предавството на јазикот е предавство и на сопствените родители и на сопствените деца. А многу наши деца си заминуваат во странство“, рече Сиљановска-Давков.
Претседателката кажа дека според УНЕСКО, околу три илјади јазици се соочуваат со опасноста да исчезнат до крајот на овој век, односно по еден јазик може да згасне на секои две недели.
„Ние не смееме да дозволиме таква судбина да го снајде македонскиот јазик. Мора да направиме сѐ, за да го заштитиме. Тоа може да го направиме на три начини. Со доследно почитување на уставната норма според која што службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Мора да се инсистира на употребата на македонскиот јазик во службената комуникација на сите нивоа, во сите институции во државата. Исто така, јазикот можеме да го заштитиме со дигитализацијата. Само преку дигитализација на македонското творештво, ќе успееме да го пренесеме македонскиот јазик и во дигиталната ера за да биде достапен за дијаспората и за идните поколенија“, додаде претседателката.
На свечениот настан говореа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска, како и академик Живко Попов, кој меѓудругото рече:
„Сметам дека во наредниот период би требало да се зајакне местото и улогата на македонскиот јазик во концептот на јужнословенски јазици. Тоа најдобро би можело да се направи со возобновување на катедрите по македонски јазик на универзитетите во бившите југословенски простори. Овие универзитетски центри во старт сесрдно ја поддржуваа посебноста на македонскиот народ и јазик и тоа непоколебливо го прават и денес, така да со реализацијата на овој проект значително ќе се зајакне позицијата и развојот на современиот македонски литературен јазик“.