Постои веројатност за натамошно пријавување нови случаи на заразa со западно-нилска треска на територијата на државата, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тој соопшти дека 78-годишен маж од Општина Чешиново-Облешево на 16 септември починал по комликации од западно-нилска треска.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека годинава во Македонија имало 30 тестирања за вируот Западен Нил, а потврдени се 4 лабораториски случаи на западно-нилска треска. Вирусот е присутен меѓу дивите птици, а на луѓето се пренесува при каснување од обичниот (домашен) комарец кој претходно се заразил хранејќи се од птиците.
„Оваа болест во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста. Вектор преносливите заболувања стануваат сѐ поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести. Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Македонија, како лајмска болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески и туларемија, а други како што се маларија, денга и чикунгуња, потенцијално можат да се внесат во државата. Имајќи го предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување нови случаи на целата територија на Македонија. Постои среден ризик за населението во пролетно-летниот период, но истиот може да се минимизира со придржување до препораките за превенција од надлежните институции“, вели ИЈЗ.
78-годишниот маж починал на 16 септември на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Првите симптоми кај пациентот започнале на 9 септември, со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени.
„Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10 септември со возило од итна медицинска помош од Кочани е пратен во Клиничката болница во Штип, каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.
Кога дошло семејството, кажале дека го нашле паднат, така што не се знае колку време лежел дома“, рече директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана.
Според директорот, 80 отсто од пациентите заразени со западно-нилска треска се асимптоматски.
„Деветнаесет отсто имаат поблага клиничка форма со блага треска, болка во мускули и изнемоштеност и може да помине така, без да знаеме дека го имаме. Еден отсто од заразените пациенти, особено над 70 години, може да развие невролошки манифестации, како што е конкретнтиот случај со 78-годишниот пациент. Цел свет знае дека нема специфична терапија, единствено што може да се превенира е преку програмите за дезинсекција кои се под надлежност на општините“, кажа Цана.
Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот, медицинската документација од КБ Штип и од инфектолози од Инфективна.
„Пациентот бил пензионер, се занимавал со земјоделство, бил татко на две деца, вдовец, кој живеел во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата, пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми“, соопшти Институтот.
На новинарско прашање дали има опасност од ширење на западно-нилската треска, Цана рече:
„Не можам да кажам дека има или нема опасност од ширење затоа што резервоар на тоа се птиците, а се пренесува преку убод од комарец, но не значи дека секој комарец го пренесува вирусот“.
Б. НЕСТОРОСКА