Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска нарекувајќи го во деминутив, рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен е на старо и смета оти треба да се купи нов авион, но поголем, за да може како што рече да се носат и новинари.
„Да ве насмеам, владиното авионче моите колеги претседатели од реионот го нарекуваат ‘авиончето на браќата Рајт’, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам за мене. Употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтино е отколку користењето на комерцијалниот лет. Е сега не е баш пријатно кога знам дека е старо 25 години и е купено на старо. Кога ве гледам вас новинарите ми текнува дека колеги претседатели зборуваат оти е многу порационално и поевтино да се има поголемо авионче од нашето најмало авионче, бидејќи тогаш со еден лет ќе можат повеќемина да одат, да се вратат кога сакаат. Аааааа ни замераат, еве за мене е тоа голем хендикеп, што со нас нема новинари. Со нив понекогаш доаѓаат новинари“, кажа денеска Сиљановска-Давкова по свеченоста во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.
Претседателката Сиљановска-Давова, во видео во нејзината претседателска изборна кампања на изборите во 2019, прашува „Чуму им е нов авион“ и вели дека е крајно време власта (тогашната Влада на чело со премиерот Зоран Заев) да се приземји оти проблемите „не се на небото туку на земјата“.
Владиниот „лирџет 60“ е произведен во 2004 во Вичита, Канзас, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите, тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот Исток, но не и на прекуокеански летови, и има седум седишта.
По секојдневните апели на Сојузот на синдикатите (ССМ) и на СДСМ за Владата да се откаже од планираниот трошок за набавка на нов авион и да им ја зголеми минималната плата на 600 евра, како и платите за администрацијата за плус 6.000 денари, вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека нов авион нема да се купува.
С. К. ДЕЛЕВСКА



