Изградбата на брзата пруга од Скопје до Солун, дел од Коридорот 10, е стратешки приоритет на Македонија и Грција и ќе почне да се гради догодина, вели вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски по посетата на Грција. Тој на 24 септември имаше средба во Атина со вицепремиерот на Владата на Грција, Костис Казидакис. Ова е прва средба на двајцата вицепремиери.
Како што беше соопштено, на средбата била потврдена одлучноста на двете Влади за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, регионален проект кој ќе овозможи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа.
„Ние после долг временски период разговараме со Грција за поврзување, за економија, за бизнис, за она што го прави животот. Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е од бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори пред сè солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Изградба на брза пруга на која што карго возовите ќе возат со 120 километри на час, во првата година откако ќе се изгради од сегашни 12 милиони евра колку што имаат приход двете железнички македонски претпријатија, ќе оди на 120 милиони евра. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион”, рече Николоски.
Вицепремиерот вели дека на средбата во Атина била дадена согласност од грчките власти следната година да почнат да градат двоколосечна пруга како таа во Македонија и од Солун до Гевгелија, а директорите на железничките претпријатија на двете земји веќе ги усогласуваат техничките детали.
„Тоа ќе значи дека од Скопје до Солун ќе се патува за 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа и мислам дека тоа целосно ќе го смени начинот на живот на овој дел од Европа. Така што, брзата пруга ќе стане најзначаен економски-инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа”, вели вицепремиерот Александар Николоски.
На седницата на 23 септември, Владата ја усвои информацијата за склучување договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство „Кросрејл Интернешнал Лимитед“ (Crossrail International Limited (CI)).
„Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти“, соопшти Владата.