ПРАТЕНИЧКИТЕ БАРААТ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ЕФИКАСНА ЗАШТИТА НА ЖЕНИТЕ ОД НАСИЛСТВО И ФЕМИЦИД ПО УБИСТВОТО НА РОСИЦА

    ПРАТЕНИЧКИТЕ БАРААТ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ ЕФИКАСНА ЗАШТИТА НА ЖЕНИТЕ ОД НАСИЛСТВО И ФЕМИЦИД ПО УБИСТВОТО НА РОСИЦА„Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, се вели во соопштението на Клубот на пратенички. (Фото: СДК.МК)

    Клубот на пратенички во Собранието најостро ги осудува зачестените случаи на насилство врз жени и фемицид, барајќи доследно почитување на законите и навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита на жртвите и превенција.

    Реакцијата следува по двојното убиство што неделава се случи во Велес, каде 39-годишен скопјанец со нож ги усмрти својата поранешна 31-годишна девојка и нејзиниот 74-годишен татко во нивниот дом, по што се самоуби.

    „Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, се вели во соопштението на Клубот на пратенички.

    Тие потсетуваат дека едногласно ги поддржале измените во Кривичниот законик со кои фемицидот за првпат се препознава и третира како посебно кривично дело.

    Пратеничките апелираат до судските органи во своите постапувања да ја земат предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик кои се усогласени со неа, со цел да се обезбеди соодветна заштита на жртвите и да се спречат идни трагедии.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира