Граѓани денеска добија смс порака дека во државата е прогласена вонредна состојба и дека е забрането движење во шуми. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека станува збор за тест порака односно се прават проби за во иднина да се испраќаат пораки за тревожење.
„Ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби”,велат од ЦУК.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација”, додават од ЦУК.
Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби.