ПРАВНИ ЛИЦА ШВЕРЦУВАЛЕ НЕОБРАБОТЕН ТУТУН, БУЏЕТОТ ОШТЕТЕН ЗА 7,3 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖАА ФИНАНСОВА ПОЛИЦИЈА И ЦАРИНА ПО АКЦИЈАТА ВО ЉУБОТЕН

    ПРАВНИ ЛИЦА ШВЕРЦУВАЛЕ НЕОБРАБОТЕН ТУТУН, БУЏЕТОТ ОШТЕТЕН ЗА 7,3 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖАА ФИНАНСОВА ПОЛИЦИЈА И ЦАРИНА ПО АКЦИЈАТА ВО ЉУБОТЕНДиректорите на Финансиската полиција и Царинската управа Арафат Муареми и Ѓоко Танаскоски, по акцијата во скопското село Љуботен каде е запленето 12 тони тутун како и опрема за обработка (Фото: СДК.МК)

    Правни лица шверцувале необработен тутун, а физички лица го обработувале и нелегално го продавале на пазарот, кажаа директорите на Финансиската полиција и Царинската управа Арафат Муареми и Ѓоко Танаскоски, по акцијата во скопското село Љуботен каде е запленето 12 тони тутун како и опрема за обработка. Од нелегалниот увоз на тутун и продажба на цигари буџетот на државата за година и половина е оштетен за 7,3 милиони евра.

    Директорот на Царинската управа Танаскоски рече дека од запленетиот тутун примероци се дадени на анализа при што се покажало дека има пестициди и катран над дозволеното ниво. ( Фото: СДК.МК)

    Засега повикани на разговор се 4 физички лица кои по давање исказ ќе бидат пуштени, а ниту едно одговорно лице во правно лице кое го шверцувало тутунот не е приведено, но како што вели Муареми тие се познати на истрагата и се очекува јавен обвинител да даде налог за нивно приведување.

    Управата за финансиска полиција во соработка со Министерството за внатрешни работи денеска спроведе акција во скопското село Љуботен врз основа на сомнение за сторени кривични дела криумчарење на акцизна стока и царинска измама.

    „Правните лица нелегално внесувале во земјата необработен тутун ‘вирџинија’ кој не е дозволен во земјава. Бил внесуван од Албанија, Србија, Грција и Бугарија. Потоа се преобработувал и се продавал без акцизна бандерола. Оваа акција денеска беше по налог на јавен обвинител за да се приберат докази за целокупната истрага.Таргет се правните лица“, рече Муареми.

    Директорот на Царинската управа Танаскоски рече дека од запленетиот тутун примероци се дадени на анализа при што се покажало дека има пестициди и катран над дозволеното ниво.

    „Тутунот се обработувал во домашни услови, при што анализите покажаа и присуство на влага. Не само што е оштетен буџетот туку загрозено е здравјето на граѓаните со неговата продажба на пазарот”, рече Танаскоски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари