ПРЕДИСТРАГАТА ЗА ДРИН, ВНУК НА АЛИ АХМЕТИ, Е ГОЛЕМА И НЕ Е САМО ЗА „СОРАВИЈА“, ВЕЛИ НАДЛЕЖНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

    ПРЕДИСТРАГАТА ЗА ДРИН, ВНУК НА АЛИ АХМЕТИ, Е ГОЛЕМА И НЕ Е САМО ЗА „СОРАВИЈА“, ВЕЛИ НАДЛЕЖНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛЗа истрагата се побарани информации и од трети земји, кажа Обвинителството за организиран криминал; - Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази (десно) и државниот обвинител Љупчо Коцевски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предистрагата за купопродажбата на трговскиот центар „Соравија“ е отворена по допрен глас и таа е сеопфатна, зашто се проверуваат наводи за незаконски дејства на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, и преку други државни институции и фондови, кажа надлежната обвинителка на денешниот брифинг со новинарите што го свика Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.

    „Обвинителството се обрати до МВР, каде два сектора постапуваат по обвинителска наредба. Вклучени се и Управата за финансова полиција и УЈП. Се интересираме не само за купопродажбата на ‘Соравија’, туку и дали лицето за кое се интересирате е поврзано со незаконски дејства преку Фондот за иновации, проверуваме и преку Капетанијата, Дирекцијата за заштита на конкуренцијата и Централниот депозитар“, одговори обвинителката прашана дали се води истрага против Дрин Ахмети.

    „Побарани се информации и од трети земји. Ова е голема истрага, ќе се реферира и кај државниот обвинител Љупчо Коцевски“, додаде таа.

    За тендерот за избор на фирма за надзор на градбата и за надзор на консалтингот при изградбата на автопатиштата од „Бехтел и Енка“, друга обвинителка присутна на брифингот кажа дека досега се чекал преводот на основниот Договор за градба на коридорите, а откако тоа е завршено таа го работи случајот, но не со саканата брзина зашто има на располагање само еден истражител од вкупно 20 во Обвинителството.

    „Од истражниот центар работам само со еден истражител, толкави се можностите. За овој предмет имаме соработка со Државниот завод за ревизија и со Бирото за јавни набавки. Извршени се разговори, одземена е документација, се вршат анализи, нема врска што се почнати градежни активности“, кажа обвинителката.

    Истата обвинителка потоа на новинарско прашање одговори дека за осомничениот сега ексминистер  Оливер Спасовски, донесена е Резолуција дека нема место за кривично гонење за злоупотреба на службената положба и овластувањата, во случајот со чуваната во фиока кај него забрана за работа на станицата за технички преглед што сервисирала автобусот што се запали во Бугарија, а која ја потпиша дури по катастрофалната несреќа. Потпишувањето или непотпишувањето на забраната нема врска со сообраќајната несреќа, нема причинско-последична врска меѓу двата настана, утврдила обвинителката.

    Пред три дена, Обвинителството за организиран криминал поднело обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, по иницијатива и на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Тој по скратена постапка е обвинет за злоупотреба на службената должност за набавка на „ауди А6“ во време кога Општината кубурела со пари. Мерко, кој е на црната листа на САД, е обвинет по член  353 став 3 од Кривичниот законик. Овој предмет најверојатно ќе го преземат Струшкото обвинителство и Основниот суд Струга.

    Шефот на обвинителството за организиран криминал Абази ги повика новинарите во новите простории, во стариот Архив на Македонија. Владата му ја даде на ова обвинителство не само зградата, туку и големо дворно место. За првпат има своја форензичка лабораторија и за вештачење мобилни телефони веќе нема да зависи од МВР. Од надворешни лица, во зградата веќе работи обвинител од Словенија во делот за мигрантите преку Западен Балкан, оставена е и канцеларија на претставници на Оперативно-техничката агенција (ОТА).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира