Назначениот јавен обвинител Трајче Пеливанов за времено раководење со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел одлука предистрагата за Финансовата полиција да ја даде на обвинителката Лиле Стефанова, а таа за техничката станица „Виа комерц“ што го сервисираше автобусот на „Беса транс“ што се запали во Бугарија, на обвинителката Катерина Коларевиќ.
„Согласно надлежностите предвидени во Законот за јавното обвинителство, предметот оформен по поднесена анонимна кривична пријава против повеќе лица од Управата за финансиска полиција е презаведен и даден на надлежно постапување на јавниот обвинител Лиле Стефанова од Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Предметот за станицата за технички преглед „Виа Комерц“ е распореден во работа кај јавниот обвинител Катерина Коларевиќ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Постапувањето по овие предмети ќе продолжи непречено и јавните обвинители на кои сега им се доверени ќе ги преземат сите дејствија во согласност со Законот за кривична постапка за да ги проверат наводите во поднесените кривични пријави.“, соопшти Обвинителството.
Пеливанов претходно донел одлука за формирање четиричлена Комисија за констатирање на состојбата со тековните предмети во обвинителството. Комисијата извршила увид и попис на целокупната документација по предметите во предистражна постапка што се однесуваат на работењето на Управата за финансиска полиција и на станицата за технички преглед „Виа Комерц“.
„По останатите предмети во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција нема никаков застој во постапувањето. Јавниот обвинител Пеливанов во изминатите неколку дена одржа неколку колегиуми со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се информираше за тековните прашања и ги презеде сите организациски и други надлежности во ова обвинителство“, се наведува во соопштението.
Согласно законските надлежности предвидени во член 28 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески ја почнал постапката за вршење редовен надзор врз целокупното работење на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Со надзорот над законитото и навременото извршување на јавнообвинителската функција, Јовески ќе прави увид во текот на постапките во ова обвинителство.