Со наредба од судија на претходна постапка, денеска се вршат претреси на неколку локации за обезбедување докази за сомневања за криминално работење на поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, Пеце Мирчевски.
„Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Управата за финансиска полиција презема дејствија за обезбедување докази во предмет за кривични дела примање поткуп, давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење. Во тек се претреси на локации во Скопје, за што е обезбедена наредба на судија на претходна постапка, а се преземаат и други дејствија”, кажа Обвинителството.
Информации дали Мирчевски или други лица се веќе уапсени, засега нема.
Мирчевски беше директор на СОЗР од јуни 2017 до јуни 2024 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА