Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија на патот кон ЕУ на средба со претседателот Бајрам Бегај. Таа со претседателот на Република Албанија се сретна на маргините на состанокот на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“ во Драч при што, како што соопштија од нејзиниот Кабинет „го поздрави напредокот на земјата во процесот на интеграцијата во ЕУ и отворањето на петтиот од вкупно шесте кластери“.
Претседателот Бегај рекол дека дел од земјите членки на Унијата сакаат многу брзо да го видат регионот во рамките на ЕУ. Кабинетот соопшто дека албанскиот претседател изразил „подготвеност за помош и поддршка во процесот на македонската евроинтеграција, додавајќи дека членството во ЕУ гарантира владеење на правото, заштита на човековите права и јакнење на демократскиот капацитет“.
Албанија ги почна преговорите со ЕУ во октомври минатата година.