ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НЕ ДОАЃА НА РАБОТА ПОРАДИ СУДСКИ МЕРКИ, СОБРАНИЕТО Е НАДЛЕЖНО ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НЕ ДОАЃА НА РАБОТА ПОРАДИ СУДСКИ МЕРКИ, СОБРАНИЕТО Е НАДЛЕЖНО ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ, ВЕЛАТ ОД АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈААнтикорупционерите додаваат дека во интерес на непречено работење и успешно остварување на целите, исклучително е важно Државната комисија да функционира во полн состав. (Фото: СДК.МК)

    Собранието е надлежната институција што одлучува за разрешување на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), додека евентуалната оставка е лична и морална одлука на самата претседателка, соопшти денеска Антикорупциската комисија.

    Од ДКСК велат дека нивната претседателка, Татјана Димитровска, не доаѓа на работа во изминатиот период поради изречените мерки од надлежен суд.

    „Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, се вели во соопштението.

    Антикорупционерите додаваат дека во интерес на непречено работење и успешно остварување на целите, исклучително е важно Државната комисија да функционира во полн состав.

    Обвинителството во петокот поднесе обвинение против Димитровска за оддавање службена тајна во врска со предметот „Адитив“ за набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на електрани на северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство.

    Дополнително, таа е обвинета и за компјутерски фалсификат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира