Кривичниот суд ја уважи жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одреди мерка притвор и нареди стражарно приведување за бизнисменот Сеад Кочан, кој е првоосомничен во случаjот „Труст“ на СЈО. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК официјално ја потврдија од Кривичниот суд.
Судија на претходна постапка првично го одби барањето на СЈО, кое поднесе барање до Судот за притвор за Сеад Кочан, управител на „Трансмет“, со образложение дека постои опасност осомничениот да ги уништи доказите или да креираа фалсификати во тендерската документација, која СЈО ја посочи како доказ.
СЈО отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.