ПРИВРЕМЕНО Е ЗАТВОРЕН ПРИВАТНИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА БИЗНИС ЕКОНОМИЈА ВО СКОПЈЕ, СТУДЕНТИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРЕФРЛЕНИ НА ДРУГИ ФАКУЛТЕТИ

    ПРИВРЕМЕНО Е ЗАТВОРЕН ПРИВАТНИОТ ФАКУЛТЕТ ЗА БИЗНИС ЕКОНОМИЈА ВО СКОПЈЕ, СТУДЕНТИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРЕФРЛЕНИ НА ДРУГИ ФАКУЛТЕТИНерегуларностите се констатирани од посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето. - Министерката за образование Весна Јаневска. (Фото: К. Попов)

    Привремено е затворен приватниот Факултет за бизнис економија во Скопје, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму велат дека, поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, донесена е одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа.

    „Нерегуларностите се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование“, велат од Министерството.

    На Факултетот за бизнис економија нема запишани нови студенти во академската 2025-2026 година. Кон веќе запишаните студенти, високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети.

    Во изминатите 15 месеци затворени се и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа.

    „МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми“, велат од Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира