Граѓанската асоцијација „Мост“, која го набљудува предизборниот период, забележала непочитување на одвојувањето на државата и на партијата, притисоци врз јавниот сектор, притисоци за гласање и злоупотреба на јавни ресурси, за периодот од 15 октомври до 20 ноември, јави агенцијата „Мета“.
„Во овој период забележавме присуство на функционери и вработени во јавниот сектор на партиски настани. Вакви се 43 случаи во 26 општини. Има 41 случај на притисоци врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија. Во седум случаи во пет општини има притисоци за гласање или обезбедување гласачи за владејачката партија, а во седум случаи во шест општини забележавме употреба на службени возила за партиски цели“, вели директорот на „Мост“, Дарко Алексов.
Од „Мост“ велат дека овие случаи содржат индиции за сторени кривични дела и, доколку се докажат, според Кривичниот законик, за нив е предвидена казна затвор во траење од шест месеци до една година.
Граѓанската асоцијација овие докази ќе ги достави и до Комисијата за следење на изборни нерегуларности, која беше формирана од Јавното обвинителство на Република Македонија.
„Мост“ на терен има 80 долгорочни набљудувачи, а досега добиле 2.025 извештаи.