ПРОТЕСТ НА СЕМЕЈСТВОТО НА ФРОСИНА КУЛАКОВА ПОРАДИ ПРЕСУДАТА ЗА ВАСИЛ ЈОВАНОВ, ТАТКОТО ОБВИНУВА ЗА СУДСКА АФЕРА

    ПРОТЕСТ НА СЕМЕЈСТВОТО НА ФРОСИНА КУЛАКОВА ПОРАДИ ПРЕСУДАТА ЗА ВАСИЛ ЈОВАНОВ, ТАТКОТО ОБВИНУВА ЗА СУДСКА АФЕРАОсновниот кривичен суд Скопје вчера му изрече 12-годишна затворска казна на Васил Јованов. (Фото: К. Попов)

    Семејството на починатата Фросина Кулакова и група граѓани денеска излегоа на протест против одлуката на Основниот кривичен суд  Скопје, со која Васил Јованов беше осуден на 12 години затворска казна за сообраќајната несреќа во која Кулакова го загуби животот. Протестот започна пред Универзалната сала, на местото каде што 22-годишната девојка беше прегазена на пешачки премин, а заврши пред судот.

    Тодор Кулаков, таткото на Фросина, изрази сомнеж за, како што рече, „правен инженеринг со криминални елементи“. Тој вели дека во целото сценарио сега се вклучува и Врховниот суд, кој во сомнителен термин го вратил предметот за дилерство на дрога поврзан со Јованов на повторно одлучување во Апелациониот суд, и тоа поради формални причини.

    „Ќе бараме одговорност од сите кои се дел од оваа нова судска афера, чија цел е само да се намали казната на убиецот Васо“, изјави Кулаков.

    Основниот кривичен суд Скопје вчера му изрече 12-годишна затворска казна на Васил Јованов, откако тој на претходното рочиште ја призна вината за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

    Судијката Снежана Марковска, при образложувањето на пресудата, наведе дека биле земени предвид олеснителните околности како што се признанието на вина, младоста и изразеното каење од страна на обвинетиот. Сепак, како отежителни околности биле наведени претходната осуда за трговија со дрога, повеќе сообраќајни прекршоци и трагичната загуба на млад човечки живот.

    Според судската одлука, Јованов управувал возило без возачка дозвола, бил под дејство на алкохол и поминал на црвено светло на семафорот, удирајќи во Кулакова која во тој момент поминувала на зелено светло. Таа починала на лице место. Покрај затворската казна, на Јованов му е изречена и забрана за управување моторно возило во траење од пет години, како и парична казна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира