Тројца пациенти добија пенилни протези целосно покриени преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на Клиниката за урологија во скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“, соопшти Клиниката. Досега, од Клиниката пациентите со потреба за ваква интервенција се препраќаа во приватните и странските медицински центри, каде на Фондот му се наплаќала неколкукратно повисока цена. Клиниката предвидува годишна потреба од 15 протези. Еректилна дисфунција е состојба кога пациентот не може да постигне или да одржи ерекција. Ова е сериозен проблем со кој се соочуваат околу 30 проценти возрасни мажи. Со стареењето, процентот се зголемува, а причините, не секогаш се психолошки.
Операциите ги изведе д-р Огнен Ивановски од Клиниката за урологија, заедно со урологот д-р Марчел Рад од Медицинскиот факултет во Романија, член на Европскиот одбор за урологија.
Станува збор за третман кој е наменет за пациенти кај кои конвенционалните медикаментозни терапии не даваат резултати, особено за лица со долгогодишен дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, претходни обемни хируршки интервенции, жртви на сообраќајни несреќи и други здравствени состојби, поради кои, пенилната имплантација е крајно решение.
Според Клиниката, една од овие индикации е и Пејрониева болест, каде постои силно изразен деформитет на пенисот.
„Вградивме пенилни протези на двајца пациенти на возраст од 45 и 59 години, кои претходно се оперирани од карцином на простата, додека третиот страда од Пејрониевата болест — нарушување на сврзното ткиво на самиот полов орган, при што доаѓа до закривување на пенисот. Пациентите добро се опоравуваат, а проценките се дека по оперативниот зафат е потребен болнички престој од три дена. Со оваа процедура не само што овозможуваме значително подобрување на сексуалната функција кај пациентите, туку влијаеме позитивно и врз нивната психолошка стабилност и севкупен квалитет на живот. Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија и се фокусира на обновување, не само на анатомијата, туку и на функцијата на урогениталниот систем кај пациенти со сериозни оштетувања“, вели д-р Ивановски.

Имплантираната протеза може да почне да се користи шест недели по операцијата, а нејзиниот век на траење зависи од самата протеза, но и од начинот на однесување на пациентот. – Д-р Рад и д-р Ивановски. (Фото: Клиника за урологија)
Честопати, еректилната дисфункција претставува прв симптом за идна кардиоваскуларна болест, дијабетес или хипертензија. Најчесто, лекувањето започнува со употреба на лекови. Доколку тие не помогнат или пациентот не смее да ги користи, следниот чекор е хируршко решение. Во такви случаи, според стручните препораки на Европската асоцијација за урологија, може да се вгради пенилна протеза – уред што овозможува мажот повторно да има нормална ерекција. Овој третман е ефикасен и може целосно да го реши проблемот кај мажи, кога другите терапии не даваат резултати.
„Со овој современ метод се поставуваат специјални цилиндри во кавернозните тела на пенисот, место кое нормално се полни со крв за време на ерекција. Цилиндрите се поврзани со мала пумпа, сместена под кожата помеѓу тестисите, така што пациентот лесно може да ја допре и активира. Системот функционира со помош на резервоар полн со стерилен физиолошки раствор, кој е сместен длабоко во карлицата, во близина на мочниот меур, и не се гледа однадвор. Кога пациентот ја активира пумпата, течноста се префрла од резервоарот во цилиндрите, што предизвикува ерекција. По завршување на односот, со едноставно притискање на копче, течноста се враќа назад во резервоарот, а пенисот се враќа во опуштена состојба“, појаснува д-р Ивановски.
Имплантираната протеза може да почне да се користи шест недели по операцијата, а нејзиниот век на траење зависи од самата протеза, но и од начинот на однесување на пациентот. Како и кај секој хируршки зафат, постои ризик од компликации, како инфекции, кои се јавуваат во два до три проценти од случаите, потоа дефект на самата протеза, а како најсериозна, но ретка компликација, се наведува поместување на протезата од нејзиното лежиште. Ризикот од инфекција дополнително се намалува благодарение на антибиотскиото премачкување на силиконските цилиндри од пенилните протези, вградени кај пациентот.
Според Клиниката, постојат строги медицински критериуми на кој потенцијален пациент му е неопходна пенилна протеза, а одлучува Стручниот колегиум. Постојат два вида протези за еректилна дисфункција, кои ќе бидат хируршки вградувани на потенцијалните пациенти: поставување на инфлантибилна трокомпонентна пенилна протеза и поставување на семиригидна пенилна протеза.
Б. НЕСТОРОСКА