Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека е противзаконска одлуката на Основниот граѓански суд Скопје да не ги прифаќа електронски извадените државјанства како оригинални при постапката за регистрирање политичка партија.
„Противзаконски е затоа што лекс специјалис за електронски документи е Законот за електронски документи, електронски идентитет и доверливи услуги, а не Законот за политички партии“, вели Андоновски.
Министерот додава дека против судот може да се поведе постапка, за што има прекршочни одредби.
Основниот граѓански суд Скопје ги блокира независните кандидати да учествуваат на локалните избори наесен, со тоа што не ги признава електронски извадените државјанства при собирање потписи за регистрирање партија, и бара печатени документи извадени лично од Управата за водење матични книги.
Граѓанските иницијативи се принудени да регистрираат политички партии за да учествуваат на избори откако Уставниот суд ги укина одредбите од Изборниот законик за собирање потписи за независни кандидатури, а во меѓувреме Собранието не донесе нови.
Одлуката на Уставниот суд следуваше по законските измени за зголемување на бројот на потребните потписи за учество на независните кандидати и листи на избори.
За да ги признае за валидни потребните 1.000 потписи за регистрација на политичка партија, Граѓанскиот суд сега бара сите 1.000 државјанства на потпишаните граѓани да бидат или во оригинал изваден од Матично или копии заверени на нотар.
Од судот ни одговорија дека го имаат предвид Упатството на Министерството за дигитална трансформација дека печатената форма на електронски документи издадени од јавни органи можат да се користат во постапки за остварување на права или добивање на услуги пред јавни органи или приватни правни лица, но дека при регистрација на политичка партија, судот секогаш се води од Законот за политички партии.
„Во член 18 од наведениот Закон се предвидени условите за регистрација на политичка партија. Па така, во став 2 од наведениот член изричито е предвидено дека „Со барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар се поднесува:…..“ , а во точка 7 од наведениот став е наведено „оригинали или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар“…“, велат од Основниот граѓански суд Скопје.
Од 15 јули до 15 август судот е на одмор, а според Законот за политички партии регистрацијата на политичката партија е во рок од 15 дена од моментот на доставување на целокупната документација.
Основните судови веќе издаваат потврди за неосудуваност по електронски пат.