Мандатарот Димитар Ковачевски, кој вечерва се очекува да биде избран за премиер во Собранието, првата средба утре ќе ја има со Ана Лирман, државна министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Средбата на Ковачевски и Лирман е закажана за 10 часот, веднаш по примопредавањето на функцијата и кабинетот помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер.
На 10 декември, вицепремиерот Никола Димитров беше прв странски гостин на Лирман. Средбата беше остварена на вториот ден од нејзиното стапување на министерската функција во новата германска влада предводена од канцеларот Олаф Шолц, во знак на континуитет на германските позиции во нивното делување за Европа, базирана на вредности и принципи и фокусот на македонското европско досие како клучен приоритет, кажаа тогаш од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања.
Западен Балкан е еден од приоритетите во надворешната политика на новата германска влада. Во програмата, каде што се зборува за европските партнери, се вели: „Го поддржуваме процесот на приклучување кон ЕУ на шесте земји од Западен Балкан и за тоа потребните реформи за исполнување на Копенхашките критеруми. Во рамки на тоа и јакнењето на цивилното општество, и ги поддржуваме натамошните чекори на приближување. Како следен чекор мораат да бидат отворени првите поглавја за преговорите за пристап кон ЕУ на Албанија и Северна Македонија“.
М. ИЛИОСКИ