Американскиот Стејт Департмент денеска го одликуваше првиот вработен во Амбасадата на САД во Скопје Митко Бурчевски со признанието Херој на американската дипломатија. За него првин зборуваше помошничката на државниот секретар Карен Донфрид, а потоа интервју му направи новата амбасадорка Анџела Агелер Прајс.
Со иницијативата „Херои на американската дипломатија“ се одбележуваат приказните на професионалци од Стејт Департментот кои ја издигнале американската дипломатија прикажувајќи принципиелна, интелектуална, физичка и морална храброст.
Високата дипломатка од Стејт департментот Донфрид потсети дека со Бурчевски како прв постојано вработен, Канцеларијата за врски во Скопје стана Амбасада на САД во 1996 година, а неколку години подоца, за време на кризата во Косово во 1999 година земјата прими половина милион бегалци. Потоа, кажа таа, во 2001 година земјата се најде на работ на граѓанска војна во 2011 година, а со Охридскиот рамковен договор се спречи насилниот етнички конфликт да прерасне во војна. Но, вели Донфрид, Северна Македонија успешно ги надмина овие предизвици и му се приклучи на НАТО во 2020 година, а Скопје го очекува нова лидерска улога во блиска иднина бидејќи ќе го преземе раководењето со ОБСЕ и претседателството со Јадранската повелба во 2023 година.
„Митко е тука од самиот почеток и како прв постојан вработен тој помогна да се воспостават операциите на мисијата. Во текот на овие три децении тој храбро ја поддржуваше Американската амбасада во Скопје низ некои од најпредизвикувачките околности“, кажа Донфрид.
Таа наброја дел од неговите придонеси за амбасадата: залагањето и надгледување на изградбата бегалскиот камп Стенковец во 1999 година, трансферот на безбедно на персоналот на амбасадата за време на нападот на амбасадата од страна на просрпските демонстранти истата година и помошта при носењето на уставните измени предвидени со Охридскиот рамковен договор две години подоцна.