Птичји грип е утврден кај живина во селото Мороишта во струшко, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство рече дека грипот е од типот АХ5Н8 и дека вирусот на авијарна инфлуенца е високо патоген кај живината.
“Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен, а е потврден со лабораториски анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Протоколот за справување со птичји грип предвидува веднаш да се уништи целокупната живина во самото жариште, нештетно да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција“, рече Поповски.
Две зони се прогласени за заштитени и ставени се под надзор. Според правилникот се уништува целокупната живина и производи од живина што биле во контакт. Поповски рече дека на терен се активни 30 тимови, составени од 4 лица.
“Секоја живина што ќе биде угината ќе биде обесштетена. Веднаш ќе се прават записници и ќе се пополнува барањата за штета. Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети“, рече Поповски.
Симптоми по кои ќе се препознае дека живината е заразена со вирусот на птичји грип се висока смртност и пад на несивоста.
Вирусот на птичји грип во фецес на температура од четири степени може да опстои активен и до осум недели, додека во површински води на температура од 10 степени е активен од 100 до 120 дена.