РАБОТА ИМА, НО 93 ОТСТО ОД НЕВРАБОТЕНИТЕ СЕ ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ

    РАБОТА ИМА, НО 93 ОТСТО ОД НЕВРАБОТЕНИТЕ СЕ ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИБитиќи вели дека во градежништвото има многу работници од Турција, бидејќи кај нас платите се поголеми. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека поради масовното иселување од земјата се појавува празнина на пазарот на трудот и тоа е проблем на целото општество. Тој вели дека има доволно барање за работна сила, но најголем дел од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на потребите на пазарот на трудот.

    „Од 2011 до 2019 година од нашата држава се иселиле 700.000 наши сограѓани или скоро секој четврт си отишол од државата. Иако тој тренд се намалил во периодот на ковид и понатаму, за жал тоа претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политики, туку и за целото општество, бидејќи се појавува една празнина на пазарот на трудот. Најверојатно во креирањето на политики како општество ќе мораме да отвориме една дискусија за пополнување на пазарот на трудот, за однесување малку различно од нашето однесување досега. Ако видите дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина сè уште висок, но 93,4 отсто од невработените се функционално неписмени, или тоа значи дека нивните вештини не одговараат за пазарот на трудот. И конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мора да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку може да придонесе. Тоа значи преквалификација, менување на навики за работа, затоа што работа има, барање за работна сила има, но очигледно дека погрешните политики од претходните 30 години не дале резултат, т.е. произведувале работна сила која не одговара на пазарот на трудот“, кажа Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата на која беше промовиран извештајот на ОЕЦД „Човечки капитал, миграција и како да ја обликуваме иднината заедно“.

    Поради празнината на пазарот на трудот, Битиќи вели дека и Македонија веќе почнува да увезува работна сила.

    „Нашите одат во Германија, но и ние сме привлечни за луѓе од други земји. Платите кај нас се поконкурентни од земјите од каде што доаѓаат. Во градежништво имате сериозен број на турски граѓани, бидејќи платите во тој сектор се за негде 50 отсто повисоки од платите во Турција. Имате во ИТ-секторот од Индија и Пакистан. Увозот на работна сила е иминентен“, додаде вицепремиерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира