РАБОТИМЕ НА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДАРИТЕЛ НА ОРГАН ДА БИДЕ ПОДАЛЕЧЕН РОДНИНА И ДА ВОВЕДЕМЕ ДОНОРСКА КАРТИЧКА, РЕЧЕ АЛИУ

    РАБОТИМЕ НА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДАРИТЕЛ НА ОРГАН ДА БИДЕ ПОДАЛЕЧЕН РОДНИНА И ДА ВОВЕДЕМЕ ДОНОРСКА КАРТИЧКА, РЕЧЕ АЛИУМинистерот Алиу, директорот на Нефролофија д-р Ѓорѓиевски и националната координаторка за трансплантација д-р Кузмановска на денешната прес-конференција. (Фото: Министерство за здравство)

    Направени се измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување со цел да се олесни пристапот до дарител и да се зголеми прагот, односно да може да донираат и подалечни роднини. Се разгледува и можноста за донорска картичка која ќе значи дека волјата на донорот ќе биде таа која ќе доминира откако тој ќе почине, а не членовите на семејството, имајќи предвид дека во последните месеци има серија одбивања од семејства за давање согласност за донирање, рекоа здравствените власти на денешната прес-конференција за одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.

    Директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски, рече дека 160 пациенти чекаат на трансплантација на бубрег, но активни се под 100, со оглед на тоа што некои имаат одредени коморбидитети и потребно е да направат дополнителни испитувања.

    „Сумата која се троши за хемодијализа е неспоредлива. Во првата година идентично чини пациент кој е на хемодијализа и на бубрежна трансплантација, но наредните години кога ќе имаме комплетна рехабилитација на трансплантираниот пациент, цената се намалува за три до четири пати. Во Македонија ако во една година има десет и 20 кадаверични трансплантации, ние сме подготвени да ги направиме. Имаше ситуации кога жена може да донира на сопруг, но прв братучед не може да донира бидејќи е четврто колено. Во таа насока се тие измени, да се зголеми прагот, односно колената кои можат да трансплантираат“, рече д-р Ѓорѓиевски.

    Светскиот ден на бубрегот годинава се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите, да се грижиме за нашите пациети, да се грижиме за нашата средина“.

    „Околу 180.000 жители имаат бубрежно заболување во државава, од кои само еден процент побаруваат бубрежна замастителна терапија. За изминатиот период 1.500 пациенти во Македонија се на хронична хемодијализа, 300 пациенти се со трансплантиран бубрег, а 20 се со перитонеалната дијализа. Како Клиника, заедно со Владата и Министерството за здравство, работиме да се унапреди процесот на бубрежна трансплантација. Со донирање органи овозможуваме овие пациенти да добијат нов живот и да имаат целокупна, медицинска, социјална и психичка рехабитација“, рече д-р Ѓорѓиевски.

    Националната координаторка за транплантација д-р Билјана Кузмановска кажа дека во последните месеци имаат серија одбивања од семејствата за давање согласност на донори кои биле  комплетно обработени и погодни за трансплантација.

    „Жално е кога се подготвувате неколку дена да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крај семејството нема да даде согласност. Апелираме секој да си размисли за себе, да разговара со своето семејство, да го искаже својот став во однос на органодарителство после смртта. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден човечки живот згаснува. Размислуваме да се впуштиме во поголеми активности и кампањи како директно со граѓаните, така и преку медиумите за зголемување на свеста за органодарителство. Во подготовка се и измени на Законот за трансплантација, каде што, покрај тоа што стои дека сите сме потенцијални донори, би дозволиле и донорска картичка, односно регистар на донори, па кога ќе дојдеме во ситуација да разговараме со семејството, сепак волјата на починатиот да биде таа која ќе доминира, а не волјата на други луѓе. Еден донор може да спаси осум животи“, кажа д-р Кузмановска.

    Министерот за здравство Азир Алиу рече дека се направени измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

    „За жал, моменталната законска регулатива е многу комплицирана, а комплициран е и начинот да се дојде до донор. Го зголемуваме нивото на тоа кој може да биде жив дарител, односно може да се оди плус едно ниво подолу на таа линија на семејна врска. Мислам дека законот до крајот на април ќе биде во собраниска процедура, ќе биде изгласан и дека со тоа ќе биде олеснет пристапот до донор. Загрижувачки се фактите дека листата на чекање на пациенти кои имаат потреба од дониран бубрег се зголемува, а се намалува листата на потенцијални донори. Затоа апелираме да се зголеми свеста за органодарителство“, рече министерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира