Менаџерскиот тим на Македонска навигација (М-НАВ) плаќа адвокатско друштво за услуги по цена од 200 евра за час, без ДДВ.
Во Договорот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, склучен лани во декември, е наведено дека во старт за два дена (за 48 часа) на адвокатското друштво М-НАВ ќе му исплати 9.600 евра.
Во договорот стои дека овие 9.600 евра се само пари за „првичниот момент“.
„Сите останати правни советувања кои не се опфатени во Фаза 1 и Фаза 2, адвокатското друштво ќе ги наплаќа по стандардната часовнина од 200 евра (12.000 денари) плус ДДВ“, стои во договорот, под овие договорени 4.800 евра, плус 4.800 евра за два дена преглед на документи. Оваа ставка е именувана за во иднина, како „справување во останати правни ситуации“.

Извадок од договорот на М-НАВ со адвокатско друштво во делот за надоместоци и начин на плаќање. (Фото: СДК.МК)
Раководството го ангажирало ова адвокатско друштво за 12.000 денари од час, без тендер, со непосредна спогодба. На првата страница пишува дека ангажманот е за правно застапување во постапка за арбитража пред меѓународна инстанца.
„За вршење на адвокатските услуги специфицирани во членот 1, Адвокатското друштво ќе наплаќа на час по 200 евра (12.000 денари) без ДДВ со тоа што во однос на Договорот за изведба со Леонардо СпА адвокатски услуги, правната помош ќе биде составена во две фази и тоа:
Фаза 1: Преглед и анализа на документација со изработка на правно мислење ќе бидат потребни не повеќе од 24 часа или износ до 4.800 евра во денарска противвредност, плус ДДВ;
Фаза 2: Преговарање, усогласување на тест и консултации пред преземање на какви било постапки, ќе бидат потребни не повеќе од 24 часа или износ до 4.800 евра во денарска противвредност, плус ДДВ“, опишан е во Договорот начинот на плаќање од страна на М-НАВ.

Извадок од првата страница од договорот за застапување на М-НАВ од страна на адвокатско друштво. (Фото: СДК.МК)
Го прашавме директорот на М-НАВ Владимир Ристески колку пари досега му исплатиле на адвокатското друштво кое час правна услуга му чини 200 евра без ДДВ, колку часа работело досега, но одговор до објавување на текстот не добивме.
Meнаџерскиот тим на М-НАВ посебно плаќа и адвокати за битката со Синдикатот на контролори на летање, а неофицијално, има ангажирано и други адвокати или адвокатски друштва, покрај бројните партиски вработувања на кадри со правен факултет за кои веќе нема ни простории и столчиња, како и советници на советниците на директорите и на цела правна служба во институцијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



