Народниот правобранител Фатон Сељами распиша оглас за избор на осум заменици кои ќе работат во подрачните канцеларии на институцијата во Скопје, Струмица, Штип, Битола, Тетово и Куманово. Станува збор за оглас за утврдување предлози за избор на заменици за овие подрачја, при што кандидатите треба да имаат завршено високо образование од областа на правото и најмалку седум години работно искуство во оваа сфера или во областа на заштита и промоција на човековите права.
Огласот е објавен во печатеното издание на весникот Нова Македонија на 25 март и ќе трае 10 дена. Според објавеното, тројца заменици се потребни за канцеларијата во Скопје, додека останатите пет ќе бидат распределени во канцелариите во Струмица, Штип, Битола, Куманово и Тетово. На сите досегашни носители на овие функции им е истечен мандатот, а единствено заменик-народен правобранител во моментов има на подрачјето на Кичево.
Во Струмица, веќе два месеца нема кој да ги обработува претставките од граѓаните од Југоисточниот Регион чии права се ускратени од државните и јавните институции. Славчо Тимов, кој до 2021 беше заменик-народен правобранител, замина во пензија. Во струмичката канцеларија во моментов работат само архивар и помлад соработник, поради што претставките се препраќаат во централата во Скопје.
Во случај да не бидат избрани заменици, со оглед на тоа што е потребно Бадентерово мнозинство од пратениците во Собранието, Тимов смета дека функцијата може да ја извршуваат и државни советници со овластувања од Народниот правобранител Сељами.
„Потребно е и Бадентерово мнозинство за да се изгласаат тие предлози за заменици, меѓутоа за државен советник за овластувања е потребен обичен оглас“, вели Тимов.
Во канцеларијата на Народниот правобранител во Струмица годишно се решаваат околу 200 претставки, а околу 700 граѓани чии права биле повредени од државни институции се обраќаат за помош. Канцеларијата во Струмица го покрива подрачјето на Југоисточниот Регион.
В. ТРАЈКОВ



