РАСПИШАНИ МЕЃУНАРОДНИ ПОТЕРНИЦИ ЗА АРТАН ГРУБИ И ПЕРПАРИМ БАЈРАМИ

    РАСПИШАНИ МЕЃУНАРОДНИ ПОТЕРНИЦИ ЗА АРТАН ГРУБИ И ПЕРПАРИМ БАЈРАМИДвајцата осомничени од утринава се во делот Потраги на сајтот на МВР. (Фото: МВР)

    Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници по Артан Груби и Перпарим Бајрам, осомничени за проневера во истрагата за Државна лотарија. Потерницата е објавена откако вчера Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за Груби и Бајрами. Претходно вчера Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на двајцата осомничени.

    На останатите четворица осомничени, кои се достапни и сослушани, судот им одреди поблаги мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и обврска за повремено јавување во судот.

    Поранешниот вицепремиер Груби и ексдиректорот на Државна лотарија Бајрами се осомничени за кривичното дело Проневера, а останатите четворица за Злоупотреба на службената положба и овластувања.

    Завчера, на прес-конференција во МВР, министерот Панче Тошковски го повика Груби да се врати од Косово, за каде беше напишал претходно дека е во приватна посета и ќе се врати дома. Сега, штом се појави на граница, Груби ќе биде уапсен и спроведен во затворот во Шутка.

    Според обвинителството, првоосомничениот Перпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“ на 09.05.2023 година електронски до Владата на РСМ во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање.

    Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.

    „Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД ‘Државна лотарија’ согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – ‘Касинос Аустрија’ ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што ‘Државната лотарија’ се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со ‘Касинос Аустрија’“, пренесе Обвинителството детали од истрагата.

    Второосомничениот Артан Груби, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 06.06.2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.

    „На седницата била усвоена информацијата и ‘Државната лотарија’ била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба“, кажа во продолжение ОЈО Скопје.

    Останатите четворица во овој голем случај на проневера, се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законските услови.

    По спроведените постапки изготвиле извештаи со кои констатирале дека четири понудувачи ги исполнуваат условите за склучување на Договори за заедничко вложување, иако наведените понудувачи не ги исполнувале законските услови односно не биле приредувачи на игри на среќа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира