Шест сали сали се комплетно реновирани на Одделот на хирургија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу. Министерот додаде дека во наредниот период ќе бидат реновирани уште четири сали, со пари од Владата. Проектот чини вкупно 282 милиони денари (над 4,5 милиони евра) за обнова на 10 операциони сали.
„Сали коишто навистина имаат светски квалитет, сали коишто имаат гаранција 100 години на инфраструктурата внатре, мобилни сали коишто исто така ќе можат и телемедицина да се вгради, сѐ со цел да може и асистенција од надвор, но исто така и да се овозможи учење од далечина, за да може нашите студенти од амфитеатар да следат дел од операциите, а да не бидат дел од физички дел на оперативните сали“, кажа министерот Алиу.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски рече дека проектот за 10 сали е направен во два дела поради тоа што не сакале да запре работата во терцијарното здравство.
„Го поделивме проектот заедно со Министерството за здравство на два дела, се договоривме, така да дел од едните хируршки гранки коишто гравитираа и работеа на страна на делот каде што е сега реновиран, беа префрлени и ги поделивме салите во стариот дел којшто ќе треба да се реновира. Тоа значи дека листите на чекање не трпеа, затоа што клиниките на ТОАРИЛУЦ (Трауматологија, Ортопедија, Урологија и Детска хирургија) работеа напорно во овој период, и некои дури трисменски. Така да се трудиме листата на чекање постојано ја намалуваме, иако имаме голем притисок према терцијарното здравство со лекување на вакви пациенти“, кажа тој.
Д-р Мерџаноски најави дека во проектот е влезена и нова хируршка сала којашто се наоѓа во Ургентниот центар. Тоа е сала којашто ќе помогне да се зголеми обемот на операции од типот на еднодневни операции. Исто така, таа сала ќе се користи како сала којашто ќе помогне за сите тие пациенти коишто имаат инфекции и кои што треба да се извршат ампутации на одредени екстремитети од пациенти коишто се шетани низ државата.
„Иако сега засега добро ги менаџираме, ги препраќаме, неколку клиники се вклучени во тоа, сега ќе имаме можност тие пациенти бидат комплетно изолирани надвор од хируршкиот блок и да се работат во посебна сала каде што нема да ги загрозат другите пациенти коишто треба да се оперираат“, рече д-р Мерџаноски.
Б. НЕСТОРОСКА



