„Водата не е загадена. Некој сака да ја уништи сезоната во Дојран“, е ставот со кој ќе ве пречекат дојранчани, кои со неверување ја примија веста од Центарот за јавно здравје – Велес, дека водата во езерото на неколку локации е бактериолошки неисправна, по што следуваше забрана за капење. Таблите ,„забрането капење“ ги нема ниту на Градската ниту на останатите три плажи кои Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги затвори.
„Ова е чиста глупост. Како може водата на четири плажи да биде неисправна а на останатите локации безбедна. Има нешто овде што смрди, бидејки дефинитивно, некој сакаше да ја уништи сезоната во Дојран што се полни, а Преспа и Охрид се полупразни. Некој сака да ни ги зема гостите“, коментираа жителите од ова туристичко место кои деновиве, со пиење вода од езерото и крштевање на бебиња, докажуваа дека водата е исправна за капење
Во веродостојноста на резултатите од Институтот за Јавно здравје се сомневаат и посетителите. Ги има околу 3.000, кои летуваат во сместувачките капацитети на дојранското крајбрежје. Тврдат дека се чуствуваат безбедни. Семејството Николовски од Скопје слободно ги пушта децата во езерото на капење.
„Не верувам дека водата е неисправна. Со години доаѓам овде и како што знам водата е сѐ таква. Децата слободно нека се капат. Еве петти ден сме тука, ниту се пожалиле на стомачни болки ниту на нешто друго“, тврди Стојмен Николовски, чии деца комотно нуркаа во водите на плажата.
Мостри од водата се земааат контуинирано. Новите резултати се очекуваат идната недела. Михајло Кочубовски од Институтот за јавно здравје истакна дека водата во Дојранското Езеро е со одличен квалитет, согласно категоризацијата предвидена со ЕУ директивата, што се коси со изјавата на директорот на истиот Институт Шабан Мемети во вторникот, дека остануваат на објавените резултати на Центарот во Велес.
Но, новиот Правилник уште не е стапен на сила, оти вчера беше објавен во Службен весник, така што, сѐ уште се валидни само резултатите што беа објавени претходно и до резултатите од новите анализи ќе биде во сила забраната за капење.
Според Кочубовски, со новиот Правилник, кој во ЕУ е воведен во 2007, дозволено е многу повисоко ниво на ентерококни бакерии и ешерихија коли отколку што тоа го дозволува постоечкиот во Македонија. Тоа практично значи дека ако според старите правила водата е забранета за капење оти е со загадување од трет степен, според новите правила би била со одличен квалитет.
„Како здравствен сектор немаме информација за цревни заразни болести по потекло од водата во Дојран која, ве уверувам дека согласно европската категоризација на површинските води, е со одличен квалитет“, дециден беше Кочубовски.
„Во нашата амбуланта досега немаме регистрирано деца со стомачни заболувања кои летувале во Дојран, но не значи дека не може да се појават во иднина“, вели педијатарот Македонка Глигорова од Струмица.
Дел од посетителите во Дојран се збунети. Пред недела дена едно слушнале, за да овие денови се бомбардирани дека водата е исправна и безбедна за капење.
„Доаѓам со децата на капење. Верувам дека водата е исправна, но тоа е мое убедување. Институциите официјално треба да се изјаснат дали водата е загадена или не. Не сакам да се случи нешто, па тогаш да се реагира од надлежните“, вели Марика Михајлова од Штип.
Објавените анализи на Институтот и затварањето на плажите донесоа немир и кај угостителите и трговците. Тврдат дека хајката што се води против Дојран со квалитетот на водата може да предизвика последици.
„Немам почуствувано некој огромен пад на продажбата. Вообичаено е за овој дел од годината. Во Дојран најмногу гости се очекуваат втората половина на јули и август кога цутаат алгите. Очигледно дека ова се прави со намера, за да избегат потенцијалните туристи од Дојран и да се насочат кон Преспа и Охрид“, коментираа вработените во дуќаните покрај Градската плажа.
Во Дојран зимоска се изврши реконструкција на главната колекторска мрежа во која беа вградени дополнителни 10 пумпи до пречистителната станица. Според општинските власти, тие се функционални. Факт е дека добар дел од Дојран не е приклучен на канализационата мрежа, но како што тврди градоначалникот Борче Стамов, станува збор за домаќинства кои живеат во горните делови на ова место. Според него нема излевање и испуштање на фекалии во езерото.
„Очигледно дека некој сака да му наштети на Дојран пред шпицот на сезоната и многуте активности што ќе се случуваат овде, како на музички така и на културен план. Веќе се чуствуваат последици и се плашам дека допрва може посетеноста да опадне. Ние изразивме сомнеж во објавените резултати, за што испративме примероци за испитување и во Грција. Со преставници од општина Кукуш постојано вршиме испитување на квалитетот на водата во универзитетот „Аристотел“ и никогаш не сме регистрирале отстапки“, вели Стамов, кој убедува дека водата во езерото е исправна, а она што се гледа на површината на езерото е органски отпадок поради надојдената вода и поплавувањето на површини кои претходно беа под трева.
Шпицот на туристичката сезона се очекува да започне викендов со „Д фестивалот“, кога во Дојран се очекуваат над 25 илјади посетители кои ќе ги забавуваат околу 50-тина артисти од домашната и странската музичка сцена. Фестивалот започнува на 15 јули, кога стартува и Пиво фест во Прилеп.