РЕШЕНИЕ ЗА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ ЌЕ ИМА ДО КРАЈ НА МЕСЕЦОВ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ КАЈ ПЕНЗИОНЕРИТЕ И СТУДЕНТИТЕ, ВЕЛИ БИТИЌИ

    РЕШЕНИЕ ЗА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ ЌЕ ИМА ДО КРАЈ НА МЕСЕЦОВ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ КАЈ ПЕНЗИОНЕРИТЕ И СТУДЕНТИТЕ, ВЕЛИ БИТИЌИПомина повеќе од еден месец откако премиерот Димитар Ковачевски на 18 октомври најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на „поприфатливо ниво“ ќе се коригираат функционерските плати, кои веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто со одлука на Уставниот суд. - Фатмир Битиќи (Фото: Фејсбук)

    Нема сè уште решение за намалување на функционерски плати затоа што министерот за информатичко општество и јавна администрација Азир Алиу не бил во државава деновиве, но ќе има до крајот на месецов, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека парите што ќе останат, ќе бидат вратени на пензионерите, студентите и на сите оние на кои што им се повеќе потребни отколку на функционерите.

    „Не, сè уште нема. Министерот за информатичко општество не бeше во државава овие денови, мислам дека неделава ќе се состанеме пак за да конечно да се предложи решение“, изјави Битиќи на отворањето на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на градинката „Весели цветови “ во Општина Кисела Вода, додавајќи дека очекува евентуалните измени на законот да бидат изгласани во Собранието до крајот на годината.

    „Парите што ќе останат, ќе ги вратиме на пензионерите, студентите и на сите на кои што повеќе им се потребни од можеби на одредени функционери“, кажа вицепремиерот.

    Помина повеќе од еден месец откако премиерот Димитар Ковачевски на 18 октомври најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на „поприфатливо ниво“ ќе се коригираат функционерските плати, кои веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто со одлука на Уставниот суд.

    Тој тогаш рече дека министрите од економските ресори ќе работат со цел да дојдат до решение да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо.

    „Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура“, изјави пред три недели Ковачевски.

    Зголемувањето на платите за 78 отсто на над илјада функционери се случи со одлука Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.

    Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира