Во присуство на странски дипломати во собраниската галерија, пратениците конечно го донесоа долго избегнуваниот Закон за заштита и спречување од дискриминација, кој е со европско знаменце и е услов за пристапни преговори со ЕУ, зададен од Европската комисија.
Родовиот идентитет и сексуалната ориентација станаа дел од законот за заштита од дискриминација.
Новиот закон, со кој овие две категории прецизно се наведуваат како основи за дискриминација (за разлика од сегашниот закон во кој се ставени под општата категорија „припадност кон маргинализирана група“) беше изготвен од Министерството за труд и социјална политика и усвоен од Владата уште лани. Но, тој никако не можеше да ја помине матичната комисија и да дојде на собраниска седница, се до денеска, кога беше донесен со просто мнозинство од присутните пратеници.
Во основите за дискриминација, во стариот закон не се прецизно наведени сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а во новиот се. Во стариот се наведени други основи, како пол, раса, боја на кожа, род, етничка припадност, социјално потекло, религија и други, и има неколку поопшти термини, како припадност кон маргинализирана група. Во новиот, сето тоа останува и се додаваат овие две основи: родова еднаквост и сексуална ориентација.
Оттаму, никој не смее да ги дискриминира повеќе овие лица ни кога бараат работа, стан, ни дома во семејствата, ни на лекар, на аеродроми, гранични премини… каде било.
Во извештаите на ЛГБТИ центарот за поддршка на Хелсиншкиот комитет се забележуваат многу случаи на дискриминација по оваа основ, како на граѓани од нашата земја, така и на странци.
За законот гласаа 52 пратеника, тројца беа воздржани, од 61 присутен пратеник.
С. К. ДЕЛЕВСКА