Руските сили го ракетираа центарот на Харкив, вториот по големина град во Украина и локалните власти велат дека силни експлозии имало и на историскиот плоштад Слобода, каде што е сместена зградата на регионалната влада.
„Силите на Путин ги гаѓаа цивилните области со ракетите ‘град‘. Беше нападнат и плоштадот на кој што се наоѓаат канцелариите на регионалната администрација. Ги проценуваме жртвите меѓу цивилното население“, напиша шефот на регионот Харкив, Олег Синебухов, на социјалните мрежи.
Итните служби кажаа дека 20-ина лица биле повредени во гранатирањето на плоштадот.
„Нашиот непријател нема избор освен да врши вакви воени злосторства“, додаде Синебухов.
Харкив и вчера бил цел на жестоки гранатирања, при што властите кажаа дека загинале десетици цивили.
Советникот на претседателот Зеленски, Олексиј Арестович, изјави дека руските трупи се обидуваат да ги стават Киев и Харкив под опсада, додавајќи дека ситуацијата е под контрола.