Расте смртноста од рак на грлото на матката, а Министерството за здравство годинава го намалува опфат на жените со Програмата за скрининг на рак на грло на матката. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е загрижено што со Програмата за скрининг за оваа година, бројот на жени, на кои ќе им биде направен бесплатен ПАП тест е намален за 10.000.
„Во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1. Владата годинава го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен бесплатен ПАП тест, за 10.000 жени“, велат од ЕСЕ.
Според податоците од оваа невладина организација, во 35 општини во Македонија нема матични гинеколози, а во 29 општини нема доволен број матични гинеколози, согласно Уредбата за мрежата на здравствени установи донесена од Владата.
„Загрижени сме бидејќи жените се уште соочуваат со бариери за да добијат основни здравствени услуги. Редовните превентивни гинеколошки прегледи водат кон унапредување на здравјето на жените, бидејќи преку нив може рано да се откријат низа на заболувања и навремено да се излекуваат, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката“, велат од ЕСЕ.
Од оваа невладина организација објаснуваат дека пристапот до соодветна здравствена услуга е значаен и за здрава бременост, бидејќи според протоколите за време на бременоста жените треба минимум осум пати да појдат кај матичен гинеколог, за навреме да се откријат евентуални нарушувања на нивното здравје и евентуални промени кај плодот.
„И покрај тоа што во 2016 година Министерството за здравство преку јавен оглас распиша кофинансирана приватна специјализација за доктори на медицина кои имаат запишано приватна специјализација од областа на гинекологија и акушерство за примарно ниво на здравствена заштита за 20 извршители, во 11 општини, според последните податоци Министерството има одобрено само шест специјализации, што е далеку од потребниот број“, велат од ЕСЕ.
Патронажните сестри, според податоците од ЕСЕ, не доволно ги посетуваат жените за време на бременоста и во периодот по породувањето.
„Податоците од ромските заедници, укажуваат дека за време на бременоста жените воопшто не се посетени од патронажна сестра, а по породувањето се бележат една до две посети. Министерството за здравство од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата ги избриша одредбите со кои беа регулирани бројот и содржината на патронажните посети, па така во моментот не постои ниту еден правен документ кој ја регулира реализацијата на овие посети“, велат од ЕСЕ.
ЕСЕ бара од државата да обезбеди соодветен пристап на жените до здравствените услуги за унапредување на репродуктивното здравје на територијата на целата земја, преку алокација на соодветни буџетски средства, доследна имплементација на постоечките политики и усвојување нови политики.