САМО 9,5 ОТСТО ОД МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ВЕРУВААТ ДЕКА ЕУ ИМА НАЈГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВО ЗЕМЈАТА, ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ БЕА 44,8 ОТСТО

    САМО 9,5 ОТСТО ОД МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ВЕРУВААТ ДЕКА ЕУ ИМА НАЈГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВО ЗЕМЈАТА, ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ БЕА 44,8 ОТСТОПерципираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години (од 44,8% во 2019 година на 9,5% во 2021 година). (Фото: принтскрин од истражувањето на ИДСЦС)

    Перцепцијата на македонските граѓани за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намали од 43,2% во 2019 година на 13,1% во 2021 година, а во исто време, процентот на испитаници кои одбиваат да одговорат на ова прашање се зголеми од 1,3% во 2020 година на 17,6% во 2021 година, според наодите од две истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска.

    Кога станува збор за најголемиот сојузник на Северна Македонија, САД се рангирани на прво место во овогодинешнава анкета (17,1%) а ЕУ на второ место (13,1%). Веднаш зад нив е Русија (11,4%). Србија е на четвртото место во анкетата со 8,5%, додека Турција е петта со 6,5%, а најголем процент од испитаниците се граѓани кои не знаат (17,6%) или одбиваат да одговорат на прашањето.

    САД се перципирани како странски фактор со најголемо влијание во Северна Македонија (45,1%). Испитаниците кои одговориле со „не знам“ се рангирани на второто место со 19%. Перципираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години (од 44,8% во 2019 година на 9,5% во 2021 година). Само малкумина Македонци гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание (7,8%).

    Повеќе од половина од испитаниците (56%) поддржуваат поблиско сојузништво меѓу сегашните партнери од Отворен Балкан во рамките на процесот на интеграција во ЕУ.

    Резултатите од истражувањето исто така покажаа дека граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес.

    Две третини или повеќе од анкетираните граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), условот за јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4%).

    Србија (30,6%) е препознаена од третина од анкетираните граѓани како најголем донатор на вакцини и медицинска опрема, а по неа се 25% од граѓаните кои не знаат да дадат одговор на ова прашање. Испитаниците речиси подеднакво ја перципираат помошта дадена од ЕУ (13,9%) и од Кина (11,8%) за време на пандемијата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира