САНИТАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА НЕ ГАРАНТИРА ЗА ИСПРАВНОСТА НА ФИЛТРИТЕ ВО ВЕНТИЛАЦИЈАТА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА

    САНИТАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА НЕ ГАРАНТИРА ЗА ИСПРАВНОСТА НА ФИЛТРИТЕ ВО ВЕНТИЛАЦИЈАТА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈАКлиниката за гинекологија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе добие прецизни рокови до кога треба да ги отсрани недостатоците.- Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ (лево) и Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство (десно). (Фото:СДК.МК)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не гарантира за исправноста на филтрите од системот за вентилација на интензивна нега, во операционите и родилните сали на Клиниката за гинекологија. Ова е само дел од заклучоците по вонредниот инспекциски надзор што минатата недела беше направен на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

    Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ, рече дека има недостаток во системот за вентилација на интензивна нега и постинтензивна нега, во родилните и операционите сали, а од Службата за општи и заеднички работи на клиниките, кои вршат сервисирање на филтрите на системот за вентилација не добиле ниту спецификации ниту динамика кога последен пат се заменети филтрите на оваа клиника. Таа вели дека вонредната контрола е направена по допрен глас и по барање на новата директорка на гинекологија д-р Викторија Јовановска.

    „Утврдивме дека кровот протекува и дека има видлива влага во две болнички и две докторски соби, а долж ѕидовите се спушта во целиот објект. Интензивната нега работи со зголемен обем, скоро двојно повеќе од предвидениот капацитет. Има капацитет за 25 новороденчиња, а во време на надзорот имаче 49, односно имаше по две бебиња во еден инкубатор. На интензивната нега нема доволно неонатолози, педијатри и медицински сестри, а вкупниот број од 300 стручни лица на Клиниката е недоволен за обемот на работа. Цитолошката лабораторија работи со двајца доктори, а дневно има 300 до 400 материјали за анализа. Лактариумот нема соодветни хигиенски услови, односно нема протечна вода“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Таа вели дека на Клиниката има проблем и со системот за терморегулација, односно одржување на соодветна темепература во родилни сали, операциони сали и на интензивна нега. Клиниката за гинекологија од ДСЗИ ќе добие прецизни рокови кога да ги отстрани овие недостатоци.

    Директорката на Гинекологија д-р Јовановска, рече дека во тек е набавка на апарати за вентилација на воздухот со посебни хепа филтри, но не кажа кога тие ќе бидат поставени. Таа рече дека проблемот со вентилацијата на воздухот на Клиниката е уште при самата градба на новата зграда, бидејќи доводот на воздух е ист и за родилни сали и за операциони сали, а ист и за интензивната нега.

    „Затоа мора да ставиме прочистувачи на воздухот, но не можам да кажам кога ќе стигнат“, рече Јовановска.

    Таа не кажа што презема околу проблемот со протекување на кровот, ниту како ќе обезбеди соодветни хигиенски услови во лактариумот.

    „Добивме ветување од премиерот дека ќе набави 15 инкубатори за нашата интензивна нега и пет за останатите градови низ земјата, па во нив ќе ги препраќаме оние деца кои веќе се извлечени од животнозагрозувачка состојба“, рече д-р Јовановска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира