СДСМ објави дека фирмата на шурата на претседателот Ѓорге Иванов била основана со капитал од Панама.
Петре Шилегов, потпарол на СДСМ покажа документи од Централниот регистар и обвини дека братот на Маја Иванова, Сашо Тоневски имал бизнис релации со фирмата ЛИП Корп Панама Сити од Панама. Таа фирма, како што тврди Шилегов е основач и сопственик на фирмата Делфино травел Балканс. Братот на првата дама Маја Иванова, Сашо Тоневски е еден од сопствениците и управител на фирмата „Делфино травелс Балканс“.
„Пред само неколку дена, или во време кога почна да се шири скандалот со перењето пари во панамски фирми, „Делфино травел Балканс“ згаснува и ја бришат од Централен регистар, објави Петар Шилегов, портпаролот на СДСМ.
Според податоците од Народната банка на Македонија, од Панама во Македонија за 17 години биле вложени 143,5 милиони евра. Најголеми приливи од Панама се регистрирани во конфликтната 2001 година, кога влегле 12,9 милиони евра, а наредните две години инвестициите од Панама во Македонија биле најголеми – по 13,3 милиони евра годишно.
Централната банка има податоци од 1997 до 2014 година. Во табелата, за 2015 нема податок за директни инвестиции од Панама.