Опозициската СДСМ изрази сомнежи и обвинувања во врска со именувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија, со седиште во Панчево. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција кажа дека станува збор за личност со контроверзно минато и сомнителни политички ставови.
Како што објави СДСМ, Адамовиќ во минатото објавувал на социјалните мрежи дека „Српска Македонија“ била окупирана, што за партијата претставува скандал од дипломатски размери. Кузеска изјави дека тој е висок функционер на српската владејачка партија СНС и е близок до претседателот Александар Вучиќ, но истовремено го поврза неговото име со серија криминални инциденти и афери пренесени во српските медиуми.
Од СДСМ велат дека за Адамовиќ постојат информации оти во 2019 година бил посочен како дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Тие се повикуваат на јавни објави според кои тој во 2006 година преживеал напад со бомба, а во 2008 година бил ранет во ногата поради наводни долгови. Кузеска постави прашање до премиерот Христијан Мицкоски дали македонските безбедносни служби извршиле соодветни проверки пред неговото назначување и каква е личната врска на премиерот со оваа одлука.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговори на обвинувањата од СДСМ, тврдејќи дека иницијативата за поставување на Адамовиќ за почесен конзул не потекнува од актуелната власт. Тие велат дека предлогот за негово именување дошол од македонскиот амбасадор во Белград, кој на таа функција беше поставен во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ.
Од партијата додаваат дека Адамовиќ ги исполнува сите потребни критериуми за вршење на функцијата конзул.



