Поднесено е обвинение за крадец кој провалувал во Општина Гази Баба, во Природно-математичкиот факултет (ПМФ) и во Шумарскиот факултет и крадел лаптопи, соопшти Обвинителството.
Од август 2024 до април годинава, осомничениот 48-годишник продолжено во повеќе наврати вршел кражби во канцеларии на Општина Гази Баба. Најпрво, на почетокот на август 2024, насилно откорнал метална решетка на прозорец и од канцеларија на службеникот за внатрешна ревизија одзел лаптоп компјутер вреден 18.000 денари. Потоа, неколку дена подоцна, насилно отворил друг прозорец и од канцеларијата на градоначалникот одзел уште три лаптопи во вкупна вредност од 74.000 денари. Во април годинава, повторно насилно влегол во една од бараките, пребарувал и одзел лаптоп, бормашина и други предмети, вредни вкупно 41.100 денари.
На 19 април 2025, осомничениот насилно ја отворил влезната врата на Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет и одзел вкупно шест лаптоп компјутери и 500 денари, односно вкупната вредност на одземените предмети е 208.576 денари. Два дена подоцна осомничениот насилно влегол и на Шумарскиот факултет, пребарувал во два кабинети и во читалната, но од непознати причини се откажал од намерата и без да земе ништо го напуштил местото на настанот.
Основното јавно обвинителство Скопје против 48-годишникот поведе постапка дека сторил неколку дела – Тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик и една тешка кражба која останала во обид. Поради опасност од бегство и можност осомничениот да повторува вакви дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.