Анализите на крв и серум од двајцата починати пациенти од Гостивар покажале дека тие биле заразени од хантан вирус, кој предизвикува хеморагична треска. Ова во видео изјава од САД на Фејсбук го кажа министерот за здравство Арбен Таравари, кој кажа дека вирусот не се пренесува од човек на човек, туку го пренесуваат само глувци и глодари.
„Се испитува и храната што ја јаделе, оти е можно и таа да е контаминирана. Состојбата е под контрола и нема место за паника. Сакам да информирам дека на Клиниката за инфективни болести на почетокот на годината исти така биле хоспитализирани четворица пациенти со хантан вирус и тие се излекувани. Другите пациенти што се сега хоспитализирани се во добра здравствена состојба”, рече Таравари.
Тој рече дека екипи од центарот за јавно здравје Тетово веќе направиле децинфекција, дератизација и дезинсекција во гостиварското село Сивница, каде се движеле починатите пациенти. Лекари од Инфективна клиника биле во болницата во Гостивар и на тамошните лекари и персонал им дале инструкции како да постапат.