Неколку наводи за поткуп на гласачи се регистрирани за време на денешните локални избори во Македонија, објави Јавното обвинителство, додавајќи дека станува збор за изолирани настани.
ОЈО Велес презема дејствија за испитување наводи за поткуп при избори и гласање против две лица во селото Согле, Општина Чашка, а ОЈО Крива Паланка исто така испитува наводи за поткуп на гласачи. ОЈО Куманово врши проверка на два издвоени случаи за телефонско влијание врз гласачи во Куманово и Кратово, а ОЈО Скопје е известено од МВР дека две лица се задржани на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за две фотографирања на гласачко ливче во Гази Баба.
На подрачјето на Вишо јавно обвинителство Битола, по наводи за поткуп при избори постапува ОЈО Прилеп за настан во Крушево и ОЈО Охрид за настан во Охрид, каде што МВР запрело три лица во возило, при што биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи
По усно известување за наводен поткуп на гласачи постапува ОЈО Свети Николе.
ОЈО Тетово и ОЈО Кичево оформија предмети по допрен глас за евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и Желино.