СЕ ПЛАШАМ ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА НЕМА КОЈ ДА ГИ УЧИ МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ, ВЕЛИ Д-Р АЛЕКСАНДАР СТАВРИДИС, ДОАЈЕН ВО МАКЕДОНСКАТА ХИРУРГИЈА

    СЕ ПЛАШАМ ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ ВРЕМЕ ДА НЕМА КОЈ ДА ГИ УЧИ МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ, ВЕЛИ Д-Р АЛЕКСАНДАР СТАВРИДИС, ДОАЈЕН ВО МАКЕДОНСКАТА ХИРУРГИЈАСо д-р Ставридис разговаравме по повод 70 години од отворањето на Уролошкото одделение на Хируршката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Жалосно е што стручниот кадар од клиниките и јавното здравство заминува во приватни установи, странство или во пензија, така што за кусо време ќе нема кој да ги едуцира младите специјализанти, ќе нема од кого да учат, вели проф. д-р Александар Ставридис, уролог-хирург, доајен во македонската хиругија.

    Со д-р Ставридис разговаравме по повод 70 години од отворањето на Уролошкото одделение на Хируршката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје и започнувањето на урологијата во Македонија. Тој бил и директор на Клиниката за урологија од 2002 до 2006.

    Д-р Ставридис, кој следниот месец ќе наполни 80 години, луцидно и прецизно сподели со нас сеќавања, датуми и размислувања за патот на урологијата во Македонија.

    Прво, вели, со одлука на Стручниот колегиум на Хируршката клиника на 12 септември 1954 е формирано Уролошкото одделение, а Клиниката била поделена на повеќе одделенија. На Клиниката за хирургија по нејзиното формирање во март 1947 е отворена ендоскопска сала каде се правени прегледи на мочниот меур, поставување сонди во бубрег и други интервенции.

    „Основоположник на Уролошкото оодделение и ендосопската сала во Македонија беше мојот татко, проф. д-р Сотир Ставридис (1904-1961)“, вели тој.

    Во тогашна Југославија, првата Уролошка клиника е формирана во Белград, под раководство на академик Сава Петковиќ. Во тој период 1950-1954 формирани се Уролошки одделенија во Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад и Подгорица.

    Д-р Ставридис вели дека на 7 јули 1977 на тогашниот Уролошки оддел на Хируршката клиника во Скопје се направени првите две трансплантации од жив дарител. (Фото: К. Попов)

    „Во тоа време преовладува француска уролошка школа, бидејќи академик Петковиќ ја усовршувал урологијата во Париз каде и завршил студии по медицина. Мојот татко, проф. Сотир Ставридис ја усовршувал урологијата во Париз, а студиите по медицина ги завршил во Грац, Австрија“, вели д-р Александар Ставридис.

    Уролошките интервенции покрај Уролошкиот оддел на Хируршката клиника во Скопје, биле работени и во Битола, Прилеп, Струмицa од општи хирурзи, како Димитар Лиаку, Димитар Столков,  Димитар Баџаков и Адам Адамов.

    „Првите специјалисти, уролог-хирург, бевме примариус Борислав Трифуновски од Куманово (кој почина), проф. Петар Илиевски од Битола и јас, всушност ние ја сочинуваме и третата генерација уролози во Македонија. До 1970 општи хирурзи по две години специјализантски стаж полагаа субспецијалистички испит по урологија, како Иван Влашки, Благоја Бадиев, Иво Преданиќ, Ѓорѓи Камчевски и Иван Даскалов“, вели д-р Ставридис.

    Во 1980, Уролошкиот оддел се трансформира во Клиника за урологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Одделот имал 34 кревети и една амбуланта. Денес има 50 кревети, стационар, Центар за транспантација и ЕCWL (екстракорпорална литотрипсија). На Клиниката работат 14 специјалисти. Клиниката за урологија во 2004 ја доби државната награда „11 Октомври“ и плакета од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. До 1975 на Клиниката се работат сите класични операции, од 1975 се воведува ендорологија, од 1986 PNL и од 2002 лапароскопија.

    Трансплантацијата во Македонија, особено кадаверичната, од мртов дарител, стана широкоприфатена тема во мај 2020, кога за првпат починато лице беше дарител на срце, но трансплантацијата во земјава датира од 1977. Д-р Ставридис ни рече дека на 7 јули 1977, на тогашниот Уролошки оддел на Хируршката клиника во Скопје се направени првите две трансплантации од жив дарител, татко на ќерка и брат близнак на сестра, која по 5 години од трансплантација родила живо и здраво машко дете. Првата кадаверична трансплантација на бубрег е направена во  октомври 1986.

    Трансплантациите ги направила екипата на доц. др. Иван Влашки со помош од проф. Францисковиц од Ријека, Хрватска, кој ги направи и првите трансплантации на бубрези во бившата СФРЈ.

    „Жално е што Центарот за трансплантација во ковид кризата ги згрижуваше болните со ковид, а денес не е реновиран и не е ставен во функција“, вели д-р Ставридис.

    „На крај, би спомнал дека основололожник на урологијата во Македонија е проф. Сотир Ставридис и го раководеше Одделот до 1961 кога почина од инфаркт . Него го замени доц. Митруш Анастасов, кој исто така почина од инфаркт во 1964. Потоа Клиниката ја раководи доц. Иван Влашки, основач на модерната урологија кај нас сè од неговата смрт 1987 . Од тогаш, особено по 2012 година, на Клиниката се направени над 500 трансплантации на бубрези“, вели д-р Ставридис.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира