СЕКОЈА ГОДИНА ЗА 30 ДО 40 МАЖИ СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО РАК НА ПРОСТАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОНКОЛОГИЈА

    СЕКОЈА ГОДИНА ЗА 30 ДО 40 МАЖИ СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ СО РАК НА ПРОСТАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОНКОЛОГИЈАМинатата година имало 494 новорегистрирани пациенти со рак на простата. (Фото: К. Попов)

    Секоја година за 30 до 40 лица се зголемува бројот на новорегистрирани пациенти со рак на простата, рече денеска директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија д-р Игор Стојковски.

    Од вкупниот број новорегистрирани пациенти на Клиниката лани, половина, односно 2.540 пациенти се од машкиот пол. Најчести малигни заболувања кај мажите се рак на простата, на дигестивен систем и на белите дробови. Минатата година имало 494 новорегистрирани пациенти со рак на простата.

    Ракот на белите дробови, како што рече тој, е 2,6 пати почест кај мажите отколку кај жените, ракот на дигестивниот систем е двапати пофреквентен кај мажите, ракот на мочниот меур петпати повеќе се јавува кај мажите отколку кај жените, а ракот на грлото е 25 пати почест кај мажите. Лани имале четири жени со рак на грло и 102 мажи со рак на грло.

    „Се препорачува во петтата деценија да се почне со скрининг прегледи за рак на простата. Се намалува старосната граница и кај помлада популација се јавува болеста. Ракот на белите дробови, мочниот меур и на грлото кај машкиот пол се поврзува со пушењето“, рече д-р Стојковски пред почетокот на панел дискусијата „Чекор кон машко здравје – онколошки и клинички перспективи“, што се одржа во организација на здружението „Хемаонко“, посветено на пациенти со рак и нивни негуватели.

    Директорот на Здравствен дом „Железничар“, д-р Спасе Јанев, рече дека како здравствени работници треба да работат повеќе на подигнување на свеста, особено кај машката популација, за одење на редовни превентивни прегледи.

    „Здравствениот дом ‘Железничар‘ организира бесплатни скрининг иследувања во однос на ПСА специфичниот простата антиген, каде дискрепанцата на испитаници се движи најчесто од 65 до 85-годишна возраст. Неопходно е да се спушти границата и да стигнеме до онаа во светски рамки, над 45-годишна возраст. Ако некој почувствува симптом и на 40-45 годишна возраст, треба да дојде на преглед. Многу е битно да го подигнеме тоа ниво на самосвест кај машката популација за редовно да ги прават тие прегледи. Сите наши сограѓани на 45-55-годишна возраст, која е најкритичната, да го остварат своето право на скрининг. Скрининг програмата во Здравствениот дом ‘Железничар‘ се спроведува секој четврток од 11 до 13 часот и секој може да дојде со лична карта“, рече д-р Јанев.

    Ана Марјановиќ од здружението „Хемаонко“ рече дека со години се грижат да се подигне свеста кај мажите и жените за тоа колку се важни превентивните прегледи, од причина што два од овие три канцери во 99 проценти се излечливи ако се дијагностицираат во првата фаза. Апелираат мажите да прават самопрегледи кога станува збор за тестиси, а мажите на возраст над 50 години да се јавуваат на уролог, но доколку имаат симптоми и порано.

    „Во Македонија недостига официјална скрининг програма и тоа е нешто на кое државата мора да работи. Од друга страна, нема изградено стратегија за превенција од малигни заболувања. Многу малку посветуваме внимание на тоа да се превенира пушењето, посебно во борбата со ракот на белите дробови, а од друга страна, воопшто гласно не зборуваме за загадувањето. Неспорен факт е дека во Скопје и во останатите градови кои се со големо загадување расте бројот на заболени од рак на белите дробови и тоа не треба да се игнорира. Тука се и останатите пулмолошки заболувања, а кога правиме муабет за превентибилните, односно оние канцери кои можат да се детектираат, сметам дека едукацијата на населението е задолжителна. Очигледно, сѐ што е оставено на ниво на свесност на граѓаните не вродува со резултати“, рече Марјановиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира