СЕМЕЈСТВАТА НА ПОЧИНАТИТЕ ВЕЛИКАНИ ТРЕБА ДА ПОБАРААТ СОГЛАСНОСТ ОД УПРАВАТА ЗА БОРЦИ ЗА ДА ГИ УРЕДАТ ЗАПУШТЕНИТЕ ГРОБОВИ

    СЕМЕЈСТВАТА НА ПОЧИНАТИТЕ ВЕЛИКАНИ ТРЕБА ДА ПОБАРААТ СОГЛАСНОСТ ОД УПРАВАТА ЗА БОРЦИ ЗА ДА ГИ УРЕДАТ ЗАПУШТЕНИТЕ ГРОБОВИГробното место на Ѓорѓи Абаџиев, истакнат македонски раскажувач, писател и историограф. Абаџиев е автор и на сценариото за филмот „Мис Стон“ (Фото: С. Абаџиева)

    Гробовите на истакнатите македонски уметници, како Ѓорѓи Абаџиев, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, во Алејата на заслужените граѓани на градските гробишта Бутел во Скопје со години стојат неуредени, раскршени, а околу нив има и купишта ѓубре, реагира ќерката на Абаџиев, историчарката на уметност Соња Абаџиева.

    Абаџиева на Фејсбук реагираше дека Управата на гробиштата нити го поправа гробот, нити му дозволува на семејството да го уреди. Абаџиева ни рече дека со години испраќа писма до голем број државни и градски институции, но дека одговор не добила од никаде.

    Семејствата на великаните реагираат дека нивните гробови со години стојат неуредени, раскршени. (Фото: С. Абаџиева)

    Ѓорѓи Абаџиев е истакнат македонски раскажувач, писател и историограф, автор и на сценариото за филмот „Мис Стон“.

    „Ѓорѓи Абаџиев, цел живот ти беше вграден во Илинденскиот период на Македонија и дури го напушти овој свет на Илинден. Денес вака изгледа твоето почивалиште. Управата на Гробиштата нити го поправа гробот, нити ни дозволува да го средиме! Дури ни ги вратија и мајсторите со материјалот за поправка! На оваа Алеја на заслужните граѓани каде почиваат и Лазар Личеновски и Никола Мартиновски и Јован Бошковски и десетици други великани има едно чудо урнатини од гробови“, напиша Абаџиева на Фејсбук.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Јавното претпријатие Градски гробишта Бутел зошто со години не е интервирано на тој простор и зошто не им дозволуваат на семејствата сами да ги уредат гробовите.

    Алејата се води под специјални гробишта за кои што се грижат и се задолжени од Управата за заштита на борците и воените инвалиди. (Фото: С. Абаџиева)

    „Семејствата кои што имаат починати лица, а се погребани во Алејата на заслужни граѓани, доколку сакаат да ги уредат гробните места-спомениците треба најпрво да се обратат во Управата за прашања на борците и воeните инвалиди која што се наоѓа на булевар Кочо Рацин бр. 14, до директорот Ванѓел Димков. Бидејќи, Алејата се води под специјални гробишта за кои што се грижат и се задолжени за нив претходно наведената управа“, ни одговорија од Градските гробишта.

    Лани, една година по смртта на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, по реакции во јавноста за состојбата на нејзинот гроб, Владата донираше средства и гробното место доби спомен-обележје со бел мермер.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари