Штаермеркише банк унд Шпаркасен АГ Грац ќе биде нов сопственик на Охридска банка, откако потпиша договор за купопродажба на сите акции на Сосиете женерал, кои претставуваат околу 74,53% од уделот во капиталот на ОБСЖ.
Процесот на купување на банката ќе се спроведе преку задолжителна тендерска понуда, која ги опфаќа сите акции издадени од ОБСЖ, како и акциите што ги поседуваат преостанатите малцински акционери. ОБСЖ во моментот располага со вкупна актива од околу 650 милиони евра и со повеќе од 400 вработени.
„Западен Балкан и понатаму ни нуди атрактивен потенцијал за раст. По темелно анализирање на Охридска банка Сосиете женерал, заклучивме дека таа ќе одговара на бизнис моделот на Штаермеркише Шпаркасе поради нејзините големина и стратешка ориентација. Како регионална банка која работи во повеќе земји, ние сме фокусирани на проширување на нашата пазарна позиција во Штаерска и во регионот на Западен Балкан. Со оваа зделка речиси тројно го зголемуваме нашето присуство во Република Северна Македонија“, изјави Герхард Фабиш, главен извршен директор на Штаермеркише Шпаркасе.
Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Македонија од 2008 година преку својата локална банка, Шпаркасе банка Македонија, со сегашна вкупна актива од 350 милиони евра. По преземањето на ОБСЖ, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу една милијарда евра во Македонија, со што ќе стане четврта по големина банкарска групација, со пазарен удел од 12-14%.