Верувам дека заедно со обвинителите ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните, кажа денеска новиот Државен обвинител Ненад Савески откако даде свечена изјава во Собранието.
„Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Нивната работа ниту почнува, ниту завршува со мене. За мене секој предмет има ист интерес, нема да има приоритетни предмети. Ја гарантирам отчетноста и транспарентноста на секој јавен обвинител за секој предмет“, рече Савески.
Новиот обвинител кажа дека за борба против криминалот Обвинителството треба да има поголема финансиска поддршка, и тоа е она за што ќе се залага во неговиот мандат.
Прашан како го коментира фактот што пратениците од опозицијата не го гласаа неговиот избор во Собранието, рече дека политичките партии не се предмет на негов интерес.
Савески, како предлог на Владата, вчера со 66 гласа „за“ беше избран за нов Државен обвинител во Собранието.
Роден е 1976, живее во Гостивар и е магистер по правни науки, за казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003. Од 2016 е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во Одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 работел како судски приправник.
А. АНТЕВСКА



